Претседателот на фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ во интервју за Македонската телевизија зборуваше за плановите и идеите кои треба да бидат спроведени во следниот период, со кои треба да се подобри квалитетот во фудбалот во земјата.
Првиот човек на ФФМ откри и тоа дека заедно со УЕФА работат на откривање на можни неспортски и сомнителни дејствувања во македонскиот фудбал. Омерагиќ најави дека кога ќе дојде време ќе бидат објавени сите со имиња и за точно кои мечеви и клубови се работи.
“Имаме добиено допис од одделот за интегритет на УЕФА во кој се посочени одредени личности, со име и презиме, за кои што постои сомнение, што не значи дека е тоа така, но се посочени дека на одредени натпревари имаат преземено дејствија кои се сомнителни на УЕФА. Се работи за мечеви во домашните лиги, домашен куп и некои пријателски натпревари. Во соработка со УЕФА тоа ќе го спроведеме до крај. Доколку тие се чувствуваат загрозено поради тоа и мислам дека со напади и разни инсинуации врз нас ќе не предомислат на тој пат, тогаш нивното размислување е тотално погрешно. Натпревари, клубови и имиња. Кога ќе дојде време, ќе ги објавиме”, посочи Омерагиќ.