Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија вчера го назначи Гоце Седлоски за нов селектор на фудбалската репрезентација, а денес е официјалната презентација.
„Прво благодарност за Милевски за сето тоа што го сработи во репрезентацијата. Дојдовме до заклучок дека е потребно нешто ново во обидот да се пласираме на Светско првенство. Затоа го доведовме Седлоски за нов селектор“, рече претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Најдобриот македонски фудбалер во историјата, Горан Пандев, смета дека Седлоски е вистинскиот избор за оваа позиција.
„Да му честитам на Седлоски за именувањето за нов селектор. Многу години се познаваме со Гоце, долги години и сме играле заедно. Тој е вистинскиот избор, има дадено многу во репрезентацијата како играч, верувам дека ќе има успеси и сега како селектор“, вели спортскиот директор на репрезентацијата, Горан Пандев.

