Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, вели дека првенството кое неодамна заврши е целосно регуларно. Иако два клуба решија да го напуштат натпреварувањето предвреме (Воска и Гостивар), Омерагиќ вели дека Федерацијата никого не избрка од натпреварувањето и дека не може да се влијае на нечија одлука да се откаже од настапот.
„Ќе бев посреќен ако двата клуба не го напуштеа првенството, но понекогаш детоксикацијата е добра. Да се острани тоа што не чини. Никој никого не избрка од лигата. Првенството е регуларно, баражите кои се одиграа беа максимално регуларни. Финалето на Купот исто така беше одлично организирано. Им честитам на сите екипи кои успеаа да изборат место во повисок ранг, како и на оние кои ќе играат во европските купови. Што се однесува до следната сезона, таа ќе биде со ВАР-систем, што значи дека судиските грешки дополнително ќе се намалат. Очекувам следната сезона да биде многу неизвесна затоа што практично ќе биде квалификациска сезона бидејќи од сезоната 2026/27 лигата ќе биде скратена на 10 екипи“, рече Омерагиќ.