Омилениот лик на Пандев конечно излезе од сенката на Мурињо

Руи Фарија конечно излезе од сенката на Жозе Мурињо и по 18 години, освои трофеј со клуб како шеф на стручен штаб. Со Ал-Духаил го победи Ал-Сад на Чави Ернандес во финалето на Катарскиот куп со 4:1.

Фарија речиси две децении му беше десна рака на Мурињо, а почна како кондициски тренер во Леирија во 2001 година. Мурињо во тој период беше шеф на стручниот штаб на малиот португалски клуб, а оттаму почна заедничката и долга соработка со Фарија.

Жозе веднаш препозна квалитет кај својот нов соработник и го ангажираше во Порто. Имаа неверојатно добра авантура со Порто, а титулите само се редеа во колекцијата на популарните змаеви.

Круна беше пехарот од Лигата на шампионите во 2004 година, а потоа следеше заедничка преселба во Челзи. Двапати беа шампиони во Премиер лигата, а во витрините на клубот од „Стемфорд бриџ“ сместија еден пехар од ФА купот и два од Лига купот на Англија.

Потоа на ред дојде Интер и соработката со нашиот репрезентативец Горан Пандев. Фарија беше еден од омилените ликови во клубот од Милано, а повторно се нижеа титули и беше освоена највредната клупска, европската во Лигата на шампионите во сезоната 2009/10.

Малку послаба беше приказната на тандемот Мурињо-Фарија во Реал Мадрид, со една шампионска круна во Ла Лига и една во Кралскиот куп.

Последниот заеднички проект им беше во Манчестер јунајтед, оквалификуван како неуспешен, па 43-годишниот Фарија конечно се одлучи да се раздели од Мурињо и да почне самостојно како тренер.

Првата работа како главен тренер му е во Ал-Духаил, а вчера ја освои и првата титула по победата против Ал-Сад со 4:1.

- Оглас -

Најнови вести