Наградниот фонд за првиот Гренд слем во новата сезона, Отвореното првенство на Австралија, е зголемен за 13,6%, односно 71 милион долари. Информацијата ја потврди директорот на шампионатот, Крег Тили, кој вели дека најмногу внимание се обрна на заработката во ранта фаза од турнирот, додека победниците во сингл ќе заработат исто колку и во ланската сезона.
„Во однос на 2007 година, наградниот фонд е речиси трипати поголем. Како и секоја година, посебно внимание обрнавме на тенисерите кои го завршуваат својот настап во раната фаза од првенството. Во тој правец ќе продолжиме и во иднина, сакаме на секој играч посебно да им обезбедиме што подобра иднина, така што ќе заработат што повеќе“, истакна Тили.
Интересно е што победниците во сингл-категоријата ќе заработат исто колку и лани, по 4,12 милиони долари, додека наградите за полуфиналистите се зголемени за 13% и сега изнесуваат 1,04 милиони долари. Процентуално, најголем пораст имаат наградите за поразените во првото коло од квалификациите дури за 33,3 отсто, или 20.000 долари. Оние кои ќе испаднат во првото коло од главниот жреб, ќе заработат по 90.000 долари.
Првиот гренд слем во новата сезона е закажан со старт од 20 јануари до 3 февруари, а актуелните бранители во машка и женска сингл-категорија се Новак Ѓоковиќ и Наоми Осака.