Евролигата станува сè поинтересна и битката за пробив во Топ-8 се разгорува, па имаше многу драматични мечеви вечерва во рамките на 23-тото коло.
Барселона го доби шпанското дерби против Валенсија со кош на Никола Миротиќ на три секунди до крајот. Гостите славеа со 77:76, иако имаа негатива од 15 поени во последниот период. Валенсија на чудесен начин успеа да прокоцка предност од 68:53 на неполни 9 минути до крајот на мечот и успеа да загуби.
Миротиќ беше одличен кај Барселона со 26 поени. Ниту еден друг кошаркар на Барселона не успеа да постигне двоцифрен број поени, па доволен беше блескавиот настап на Црногорецот за победа.
Пресврт приреди и Црвена ѕвезда, иако во Белград како домаќини имаа двоцифрена негатива против Панатинаикос. Финишот им припадна на „црвено-белите“ за победа од 78:73.
Слично беше и во Израел, каде што Макаби губеше со 36:47 на полувреме против Химки, но направи пресврт и славеше победа со 80:77.