Ракометниот клуб Вардар 1961, кој своите натпревари како домаќин ги игра во СЦ „Јане Сандански“ во општина Аеродром, доби нов помагател, а тоа е Општина Аеродром.
Клубот од Општината ќе добие 20.000 евра, кои се добредојдени во ситуација кога Вардар остана со многу помал буџет отколку во годините додека играше во Лигата на шампионите.
„Помош за РК Вардар кога е најпотребно!
Советот на Општина Аеродром на моја иницијатива даде поддршка за македонскиот бренд РК Вардар. Со ребалансот на буџетот, покрај развојните инвестиции и капиталните проекти кои се предвидени, Општина Аеродром издвојува и 1,2 милиони денари за поддршка на македонскиот шампион.
Во ваквите тешки мигови за нашата ракометна гордост, поддршката од наша страна беше неопходна. Голема благодарност до советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои гласаа за оваа финансиска помош.
Покрај тоа, буџетот за оваа година предвидува и 24 милиони денари за МЗТ Скопје, аеродромски бренд што ќе ја претставува Македонија во елитното јадранско натпреварување АБА1!
Како локална власт, продолжуваме да даваме поддршка на спортот, а се надеваме дека ќе славиме многу титули со РК Вардар и КК МЗТ Скопје. Аеродром заслужува спорт, радост и титули! Се надеваме на нови победи!“, напиша градоначалникот Тимчо Муцунски на „Фејсбук“.