Женскиот фудбалски шампион на Македонија, Љуботен од Тетово, утре го започнува настапот во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите. За разлика од претходните години, кога ждрепката воопшто не им беше наклонета, сега екипата од Тетово има поволна ждрепка и се најде во група со шампионите на Бугарија, Ерменија и на Фарските Острови.
Турнирот во Скопје се игра по принципот на полуфинале и натпревари за пласман, а во борбата за пласман во финалето, Љуботен ќе се сретне со шампионот на Фарските Острови, НСИ Рунавик.
„Четврта година по ред ќе ја претставуваме Македонија на меѓународна сцена, во квалификациите за Лигата на шамионите. Минатата сезона направивме историски успех и ја донесовме првата победа по пауза од 12 години. Уште тогаш најавивме дека одиме чекор по чекор. Посакуваната победа дојде, но сега сакаме да го освоиме и првото место во групата и за првпат во историјата да дојдеме до пласман во следната рунда. Можеби не сме фаворити за тоа, но можеме да играме против секого и да победиме против било кого. Фудбалерките имаа одлични услови за подготовки во Тетово, но и на Златибор, каде ја одработивме главната фаза од подготовките. Составот го засиливме со четири странски фудбалерки и неколку македонски репрезентативки. Упатувам апел до пукбликата, да дојде да нѐ поддржи и да ни помогне да дојдеме до посакуваната цел – прво место во групата и пласман во следната рунда, што ќе претставува историски успех за македонскиот женски фудбал.“ – вели претседателот на ЖФК Љуботен, Драгољуб Јовановски.
Летово во Љуботен пристигнаа домашните фудбалерки Илза Максути, Ведрана Комненова и Анида Идризи, како и интернационалките Евелин Шварц од Бразил, Милана Рахимова од Азербејџан и Ајури Тераваки од Јапонија.
Она што е интересно, фудбалерките на четирикратниот шампион на Македонија ќе имаат премија од 20.000 евра за освојување на првото место во групата. Ова е убедливо рекордна премија која може да ја поделат, барем кога се работи за македонски услови и за женскиот фудбал.
„На ваков потег се одлучивме со цел да ги мотивираме фудбалерките, да го дадат својот максимум и заедно да испишеме историја, не само за нашиот клуб, туку и за македонскиот женски фудбал воопшто.“ – додава Јовановски.
Натпреварите од квалификациската група за женската Лига на шампионите се играат на терените на ФФМ. Полуфиналните натпревари се на распоредот во среда. Во 11 часот играат НСА Софија и Пјуник, додека дуелот на Љуботен и НСИ Рунавик на програмата е во 17 часот.