Оригиналниот Роналдо тврди дека на Нејмар му треба помош од психолог: Поразот од Хрватска остави тешки последици

Репрезентацијата на Бразил која важеше за главен фаворит за титулата на Светското првенство во Катар, испадна уште во четвртфиналето од Хрватска, која славеше во пенал-рулетот, а поразот најтешко му падна на Нејмар.

Првата ѕвезда на Бразил уште на теренот почна да плаче, а неколку дена подоцна преку објава на социјалните мрежи призна дека е психички уништен, а притоа ги објави и пораките на соиграчите од репрезентацијата кои го тешеа.

„Психички сум уништен, ова секако е поразот кој најмногу боли, пораз од кој останав парализиран десетина минути, а потоа плачев без прекин. Ова ќе ме боли уште долго“, напиша меѓу другото, Нејмар.

Легендарниот бразилски напаѓач Луис Назарио де Лима Роналдо смета дека неговите зборови не се само фраза по големо разочарување. Тој вели дека Нејмар треба да побара помош од психолог.

„Мој совет е да побарате помош од психолог. Мора да се води сметка за менталното здравје на играчите бидејќи овој притисок некако треба да се издржи. Нејмар сигурно ќе се врати со истата страст, но му треба помош“, изјави Роналдо.

- Оглас -

Најнови вести