Дресот на НБА-тимот Орландо меџик со бројот 32 веќе никогаш никој нема да го носи.
Клубот од централниот дел на Флорида го повлече овој дрес во чест на Шекил О‘Нил, еден од најдоминантните центри на сите времиња, кој во 1992 година тие го избраа како прв пик на драфтот, а остана кај нив до 1996 година и играше едно големо финале.
Орландо е третиот НБА-клуб кој повлекува дрес на Шек по ЛА лејкерс и Мајами хит. Ваква чест (дресот да им биде повлечен од три тима) имале само уште Вилт Чемберлен и Пит Маравич.
Ова е прв дрес кој е повлечен од Орландо. Никој не е позаслужен од него прв да му биде повлечен дресот бидејќи тој го стави Орландо на мапата на лигата, рекоа од клубот. Со Шек во составот, Орландо првпат играше финале и поставија рекорд од 60 победи во една сезона.
Иако играше само четири сезони таму, О‘Нил е шести стрелец и трет скокач во клупската историја на Меџик.
Инаку, Орландо е далеку од резултатите кои ги имаше во времето на Шекил, загуби од Оклахома сити со 113-127, па малку беше и расипана славеничката атмосфера во чест на повлекувањето на дресот.
ЛА лејкерс го победи Детроит со 125-111 во меч на кој Езерџиите имаа дури 32 асистенции, а стрелците ги предводеше Леброн Џејмс со 25 поени.
Лична партија за паметење имаше Домантас Сабонис, кој и покрај неговите 35 поени, 18 скока и 12 асистенции (седми играч во историјата на НБА со вакви бројки) за Сакраменто, неговиот тим загуби од Феникс санс.