Осака се повлече од Ролан Гарос и откри која е нејзината тешка борба

Наоми Осака, моментно второрангираната тенисерка на ВТА-листата, се откажа од понатамошните настапи на Ролан Гарос. Осака во првото коло лесно победи, но по мечот не се појави на задолжителната прес-конференција, за што доби казна од 15.000 долари од организаторот.

Тенисерката која во кариерата има четири титули на големите гренслем-натпреварувања, пред почетокот на Ролан Гарос потенцираше дека не сака да разговара со медиумите поради „ментални причини“. Сепак, Советот на гренслем-турнирот немаше разбирање за ова барање на Осака и најпрво ја казни, а потоа ѝ се закани дека ќе ја исфрли од турнирот, како и тоа да не ѝ дозволи играње на други турнири.

Осака, која има по две титули на ОП на Австралија и ОП на САД, преку социјалните мрежи објасни за што се работи.

„Мислам дека најдобро за целиот турнир е јас да се повлечам“, вели Осака во дел од големото објаснување на „Твитер“. Таа најави дека најверојатно ќе земе подолга пауза.

Во 2018 година беше откриено дека Осака се бори со депресија и анксиозност и дека тоа ѝ создава голем проблем да зборува пред голем број луѓе, посебно кога се непознати.

 

- Оглас -

Најнови вести