Најдобриот стрелец на Наполи, Виктор Осимен, изјави дека во овие моменти не го интересира никаков трансфер во фудбалските гиганти и дека е целосно фокусиран на настапите за италијанскиот тим.
Наполи е главна фудбалска приказна сезонава, се наоѓа пред освојување на шампионската титула во Серија А по пауза од 32 години, а сигурно чекори и кон четвртфиналето во Лигата на шампионите откако со 0:2 славеше на гостувањето кај Ајнтрахт во првиот осминафинален натпревар.
Големи заслуги за успесите на Наполи има Осимен, кој е најдобар стрелец на екипата и кој со одличните игри го привлече вниманието на најголемите фудбалски екипи, како Манчестер јунајтед и Челзи.
„Единствено што ме интересира е Наполи. Не ме интересираат ниту Манчестер јунајтед ниту Челзи. Што ќе се случува со мене и Наполи, ќе видиме на крајот од сезоната. Се наоѓаме на одличен пат да направиме нешто големо сезонава“, изјави Осимен.
Тој со 18 постигнати голови е прв стрелец во Серија А, а во Наполи пристигна во 2020 година од Лил.
„Сосема е нормално најсилните европски екипи да ги следат играчите што се наоѓаат во форма, па логично е да ги следат и моите игри. Тоа не ми создава никаков притисок, туку ми претставува дополнителна мотивација“, додава Осимен.