Напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен, е сè поблиску до заминување од клубот. Тој е голема желба на Пари Сен Жермен и, според последните информации на „Тутоспорт”, играчот веќе ги договорил личните услови со францускиот шампион.
25-годишниот голгетер се договорил со парижаните да потпише договор за следните пет години, при што ќе добива плата од 14 милиони евра по сезона на „Паркот на принцовите“. Овие услови се веќе договорени од неговиот агент, Роберто Календа, кој последните денови беше во Париз за да разговара со раководството на ПСЖ.
Сега останува ПСЖ да се договори и со Наполи за отштетата на играчот, што секако е покомпликуваниот дел од договорот. Осимен има отштетна клаузула во вредност од 130 милиони евра, и Наполитанците не се подготвени да го пуштат за помалку. Сепак, ПСЖ се надева дека ќе ги убеди да прифатат понуда од 100 милиони евра и уште неколку играчи како размена, меѓу кои Карлос Солер, Норди Мукиеле и Ли Канг-ин.
Иако евентуален договор за трансфер сè уште не е блиску до реализација, во Наполи веќе прават планови за неговиот наследник. Желбата на Антонио Конте е тоа да биде Ромелу Лукаку.