Единствениот навивач на Ривер плате кој беше уапсен поради кршење на автобусот со фудбалерите на Бока јуниорс, беше пуштен на слобода, а на судењето на 13-ти декември веројатно ќе добие условна затворска казна од две години и четири месеци и ќе треба да одработи 180 часа општокорисна работа.
Се чини дека најголема казна ќе му биде што за време на условната казна нема да смее да влезе на стадионот „Монументал“, но може да оди на сите други стадиони во Аргентина.
Матијас Фирпо, кој има 31 година, беше приведен 10 дена по инцидентот, а пуштен е 48 часа подоцна. Тој не смее да ја напушти Аргентина и финалето од Копа Либертадорес ќе го гледа на телевизија.
„Тоа беше момент, импулсивна реакција, не можев да се контролирам. Бев и под дејство на алкохол. Вистински се каам за тоа што го сторив. Јас сум семеен човек, Знам дека згрешив, ме боли“, изјави Фирпо, кој беше снимен од безбедносните камери како фрла кон автобусот на Бока, а не му помогна ниту тоа што го смени имиџот (ја истрижа косата и ја избричи брадата) за да не можат да го препознаат.
Веројатно му помогна што досега немаше криминално досие и првпат учествува во насилен инцидент.