Шкупи оствари голема победа од 2-0 над актуелниот првак Шкендија во дербито од осмото коло во ПМФЛ. Чаирчани му го разубавија дебито на нивниот нов тренер Ќатип Османи, кој до неодамна ги предводеше токму гостите од Тетово, а сега стартува со важен триумф во новата авантура со скопскиот состав.
Катастрофата за Шкендија се предвиде по промашениот пенал на Ибраими во 25-тата минута, па домаќините казнија во вториот дел преку двојниот стрелец Јурина (69-та и 85-та минута). Моменти пред вториот погодок на Босанецот, црвен картон заработи Чешмеџиев и речиси беше невозможно за Шкендија да се врати во игра.
Шкупи воедно направи подвиг на табелата до третото место со 12 бода, додека Шкендија со 10 бода е на петтата позиција.