Осминафинале за Адеми и Динамо Загреб, крај во ЕЛ за Елмас и Ристовски

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми со соиграчите од Динамо Загреб слави заслужен пласман во осминафиналето во Лигата на Европа, а Елиф Елмас и Стефан Ристовски испаднаа со своите клубови Фенербахче и Спортинг.

Адеми како капитен го предводеше Динамо во походот кон првото осминафинале во европските купови по половина век, а „модрите“ со извонредна игра го декласираа П’лзењ со 3-0 на „Максимир“. Сосема доволно за да се анулира поразот од 1-2 во Чешка и да се чека ждрепката за осминафиналето во Лигата на Европа во петок.

Со пораз од 1-3 на „Крестовски“ во Санкт Петербург, Елиф Елмас и неговите соиграчи од Фенербахче се простија од настапот во Лигата на Европа, а Зенит оди понатаму. Првиот меч во Истанбул заврши со победа на турскиот тим од 2-1, недоволно за пласман во осминафиналето.

Натпреварите завршија и за Стефан Ристовски и Спортинг, а клучен беше поразот на домашен терен со 0-2 против Вилјареал. Вечерва Спортинг се обиде да приреди подвиг, водеше со 1-0, но домаќините израмнија и останаа во битка за трофејот.

Очекувано, во осминафиналето ќе играат и големите фаворити Арсенал, Валенсија, Наполи и Салцбург, а во дербито Ајнтрахт беше подобар од Шахтар.

Резултати: Динамо Загреб – П’лзењ 3-0 (прв меч 1-2), Арсенал – Бате Борисов 3-0 (0-1), Ајнтрахт Франкфурт – Шахтар 4-1 (2-2), Наполи – Цирих 2-0 (3-1), Салцбург – Бриж 4-0 (1-2), Валенсија – Селтик 1-0 (2-0), Вилјареал – Спортинг 1-1 (2-0), Зенит – Фенербахче 3-1 (1-2)

- Оглас -

Најнови вести