Екипите на Осогово од Кочани и Новаци од истоимената битолска општина се последните членови на второлигашката конкуренција за следната сезона. Вака одлучи ждрепката која денес се одржа во просториите на Фудбалската федерација на Македонија. Тоа значи дека единствено екипата на Влазрими од Кичево извиси и се враќа во Трета лига – Запад за следната сезона.
Претходно екипата на Тетекс се избори за опстанок во лигата, а Башкими и Вардар Неготино за промоција во повисок ранг откако ги добија баражите против екипите кои денес учествуваа во ждрепката.
Сето ова значи дека се познати сите 16 екипи кои ќе играат во Втората лига следната сезона. Тоа се:
– Победа од Прилеп, која испадна од Прва лига,
– Скопје, кој беше поразен во баражот од Вардар,
– Екипите кои завршија од четвртата до дванаесеттата позиција од минатото првенство: Пелистер (Битола), Детонит Плачковица (Радовиш), Беса (Добидол), Охрид Лихнидос, Арсими (Чегране), Кожуф (Гевгелија), Беласица (Струмица), Караорман (Струга) и Каменица Саса (Македонска Каменица),
– Екипите кои победија во баражите: Тетекс (Тетово), Башкими (Куманово) и Вардар (Неготино), и
– Екипите кои беа извлечени со ждрепка: Осогово (Кочани) и Новаци.
Новата сезона во второлигашката конкуренција ќе започне кон средината на август.

