Она што е јасно пред реванш-пресметките меѓу Ливерпул и Порто, односно Манчестер сити и Тотенхем е дека најмалку еден англиски тим ќе се пласира меѓу четирите најдобри екипи во Европа. Секако, Ливерпул е во добра позиција да биде втор патник од Англија во полуфиналето, додека на „петлите“ победата од 1-0 не им е гаранција за влез во завршницата.
ПОРТО – ЛИВЕРПУЛ (21 часот)
Стадион: „Драгао“, Порто
Судија: Дени Макелие (Холандија)
„Змејовите“ се плашат да не се повтори дебаклот од лани, кога Ливерпул на „Драгао“ го растури Порто со 5-0 во првиот осминафинален меч. Мала е веројатноста да се случи тоа бидејќи „црвените“ имаат удобни 2-0 предност од „Енфлид“, треба само да се погрижат да не се случи сензација, бидејќи со една нога се веќе во полуфиналето.
Најавени тимови:
Ливерпул(4-3-3): Алисон, Александер – Арнолд, Матип, Ван Дајк, Робертсон, Фабињо, Кеита, Вајналдум, Мане, Салах, Фирмино.
Повредени/суспендирани: Ловрен (настинка), Окслејд-Чембрлен (колено). Јирген Клоп не ќе може да смета на хрватскиот стопер за овој меч, но од суспензија се врати Робертсон и тој ќе ја држи левата бековска позиција, додека капитенот Хендерсон најверојатно ќе му го отстапи местото на Вајналдум во средниот ред.
Порто(4-4-2): Касилјас, Милитао, Пепе, Фелипе, Телеш, Отавио, Переира, Ерера, Брахими, Соареш, Марега.
Повредени/суспендирани: Корона (глужд). Порто не се откажува од традиционалната формација 4-4-2, а добро е што во составот ќе се врати капитенот Ерера, кој мечот на „Енфлид“ го пропушти поради суспензија од жолти картони. Одбраната ќе им биде посилна за Пепе, португалскиот стопер поради истата причина не играше во првиот дуел, додека Брахими го презеде местото од повредениот Корона.
Меѓусебни дуели: Ливерпул е непорезен во седум европски средби против Порто (се сметаат дуелите од ЛШ и ЛЕ). Најубедливиот триумф беше токму во последното гостување на Ливерпул во Португалија, големите 5-0 од ланското осминафинале, додека „црвените“ бројат вкупно четири победи и три ремија, од кои две се одиграле без голови.
Најголемата закана кон голот на Касилјас доаѓа од Садио Мане. Сенегалецот беше „виновен“ за три од петте гола во декласирањето на „Драгао“.
09.04.2019 Ливерпул – Порто 2-0
06.03.2018 Ливерпул – Порто 0-0
14.02.2018 Порто – Ливерпул 0-5
28.11.2007 Ливерпул – Порто 4-1
18.09.2007 Порто – Ливерпул 1-1
15.03.2001 Ливерпул – Порто 2-0
08.03.2001 Порто – Ливерпул 0-0
МАНЧЕСТЕР СИТИ – ТОТЕНХЕМ (21 часот)
Стадион: „Етихад“, Манчестер
Судија: Чунејт Чакир (Турција)
Сити и Тотенхем за првпат во историјата се среќаваат во нокаут-фазата од Лигата на шампионите. По пресметката во Лондон, избраниците на Маурисио Покетино имаат минимална предност од 1-0, но јасно е дека сите карти се отворени бидејќи противник им е тим кој е предводен од Пеп Гвардиола, еден од најдобрите стратези воопшто во фудбалот. Со реноме на англиски шампион, „граѓаните“ ќе треба да го потврдат квалитетот, во спротивно ќе се соочат со уште една неуспешна европска авантура во која не успеваат да обезбедат пласман меѓу топ 4 екипите во Европа.
Најавени тимови:
Сити(4-3-3): Едерсон, Вокер, Стоунс, Лапорт, Зинченко, Фернандињо, Де Бројне, Давид Силва, Бернардо Силва, Стерлинг, Жесус.
Повредени/суспендирани: Сите се на располагање кај Гвардиола освен резервниот голман Клаудио Браво, кој цела сезона се рехабилитира од тешка повреда на Ахиловата пета. Сега не се очекуваат изненадувања во составот, од првата минута ќе стартуваат Де Бројне и Давид Силва, додека Зинченко се очекува да заигра пред Делф и Менди на левата бековска позиција. Бернардо ќе игра пред Сане во нападот, а дилемата е дали Пеп ќе започне со Жесус или Агуеро.
Тотенхем(3-4-2-1): Љорис, Алдервејрелд, Санчес, Вертонген, Дејвис, Винкс, Сисоко, Трипие, Ериксен, Али, Сон.
Повредени/суспендирани: Орие (бутен мускул), Кејн (глужд), Даер (колк). Голем хендикеп е отсуството на капитенот Хари Кејн, а можно е и Деле Али да го пропушти гостувањето во Манчестер, иако е најавен дека ќе биде во стартниот состав. Сепак, Сон беше човекот од одлука во Лондон, а сега Јужнокореецот повторно ќе биде најголема закана кон голот на Едерсон.
Се очекува Покетино целосно да ја смени формацијата во однос од првиот натпревар. Сега ќе се брани со тројца стопери, додека Дејвис и Трипие по аут-линиите ќе помагаат и во напад и во одбрана.
Меѓусебни дуели ЛШ
09.04.2019 Тотенхем – Манчестер сити 1-0
Ова е статистика ако се земат предвид дуелите во европското натпреварување. Но, треба да се земе предвид дека „петлите“ повеќе од три години не победиле на „Етихад“. Последен пат тоа го сторија во февруари 2016 година, во рамките од Премиер лигата, со конечни 1-2.
Ривалството во Англија започна во далечната 1910 година, а првата пресметка меѓу Тотенхем и Сити заврши со реми од 1-1. Во вкупно 150 дуели во сите натпреварувања, двете екипи бројат по 58 победи, додека на 24 меча завршиле без победник.