Остануваат две непознати во ЛШ, кои се калкулациите за екипите кои се борат за влез во нокаут-фазата

Уште осум мечеви остануваат за да финишираат возбудувањата во Лигата на шампионите за 2019 година. Останува да се одиграат средбите од последното шесто коло во групите А, Б, Ц и Д и ќе бидат познати сите учесници во нокаут-фазата. Засега се знаат имињата на 14 осминафиналисти, а тоа се: ПСЖ, Реал Мадрид, Баерн Минхен, Тотенхем, Манчестер сити, Јувентус, Ливерпул, Наполи, Барселона, Борусија Дортмунд, Лајпциг, Лион, Валенсија и Челзи.

За останатите две места се борат пет екипи. Драматична е ситуацијата во групата Б, каде што со свои калкулации се Шахтар,  Динамо Загреб и Аталанта. Украинскиот првак е во предност затоа што има шест бода, додека Динамо е со пет, а калчолигашот има четири бода.

Шахтар на домашен терен игра против Аталанта и со победа е сигурно втор. Дури и реми на Шахтар може да му одговара, доколку Динамо во Загреб не успее да го победи Манчестер сити, што е и реална опција. Сепак, ако Шахтар одигра реми или загуби, а Динамо слави против Граѓаните, хрватскиот првак ќе направи чудо и ќе биде втор во групата.

Во целата ситуација може да профитира и Аталанта, која моментно е последна. Италијанскиот тим имаше три порази во првите три кола, но по ремито со Сити и победата над Динамо, сега има шанса со нови три бода кај Шахтар да стигне до второто место. Ако Аталанта победи, а Динамо не освои три бода против Манчестер сити, тогаш Италијанците ќе бидат второпласирани во групата.

За второто празно место ситуацијата е многу појасна. Атлетико Мадрид и Баер Леверкузен се во трката, а шпанскиот тим е во пол-позиција. Атлетико има бод повеќе од Баер, а плус мадриѓаните на свој терен играат против отпишаната Локомотив Москва. Атлетико со победа сигурно останува втор. Ако случајно Атлетико не ги освои трите бода, Баер Леверкузен со победа против Јувентус може да стигне и до второто место.

 

- Оглас -

Најнови вести