Холандскиот одбојкар на песок, Стивен ван де Велде кој беше осуден за силување на дете во 2016 година, сега е еден од најнепосакуваните спортисти кои се дел од ЛОИ во Париз.
Ван де Велде го одигра првиот меч од групната фаза и заедно со неговиот партнер Метју Имерс загуби со 2:1 во сетови од италијанските ривали Рангиери/Карамбула, а публиката жестоко го исвирка некогашниот затвореник.
Во 2016 година Ван де Велде беше осуден на четири години затвор откако призна дека силувал 12-годишно девојче. Холанѓанецот ја отслужи казната во Велика Британија каде и го направи злосторот. Потоа беше вратен во Холандија, каде призна дека направил голема грешка. „Најголемата грешка во мојот млад живот. Не можам да го вратам тоа што се случи и морам да ги сносам последиците“, си призна некогашниот затовреник.
Одбојкарот беше избран да биде дел од селекцијата на Холандија за Игрите во Париз, каде не е дел од олимпиското село, туку има посебен смештај. На Ван де Велде не му е дозволено ниту да разговара со новинарите. Тој постојано е следен од тројца телохранители кој внимаваат некој да не го нападне Ван де Велде кој е еден од најомразените спортисти на ЛОИ во Париз.