Осумпати во десет години бил суспендиран за Боксинг деј и се „колне“ дека тоа е случајно

Боксинг деј, ден по Божиќ, традиционално е резервиран за фудбал во Англија, а овој четврток ќе се одиграат осум натпревари од 18-тото коло на Премиер лигата. Со оглед на близината на Божиќ и на Новата година и напорниот распоред, кој често вклучува четири натпревари за помалку од 10 дена, многумина фудбалери низ историјата пропуштале натпревари токму на Боксинг деј.

Еден од познатите примери е Кевин Нолан, англиски играч од средниот ред, кој поголемиот дел од кариерата ја помина во Болтон, а подоцна играше за Њукасл и за Вест хем. Тој имаше низа од пет години во кои заработуваше суспензија во декември, а освен првиот случај, останатите паѓаа околу Божиќ и Нова година.

Во 2013 година, по петтата суспензија, Нолан ги уверуваше навивачите на Вест хем дека тоа не го прави намерно и дека целиот Божиќ ќе го помине тренирајќи, додека остатокот од тимот е на одмор.


Рекордер во пропуштени натпревари на Боксинг деј е Ли Бојер, кој во 2000-тите пропушти осум натпревари на овој ден. Седумпати беше суспендиран поради акумулирани жолти картони, а еднаш поради директен црвен картон.

Бојер во тој период играше за Лидс, Њукасл и за Вест хем. Тој тврдеше дека станува збор за случајност и дека неговиот стил на игра, полн со страст, природно доведува до лимит на картони токму во овој дел од сезоната.

„Не го правев тоа намерно, само за да бидам слободен на Боксинг деј. Собрав 99 картони за 18 години, а законот на големите броеви вели дека ќе пропуштам некој натпревар. Секогаш играв на работ на правилата. Дури и тој црвен картон – поради него пропуштив и натпревар за Нова година. Сигурно не го планирав тоа, едноставно немав среќа“, изјави Бојер во разговор со поранешниот соиграч Џермејн Џенас.

- Оглас -

Најнови вести