Репрезентациите на Белгија, Франција, Португалија, Шпанија, Шкотска, Турција, Австрија и Англија по октомврискиот квалификациски циклус обезбедија пласман на Европското првенство кое идната година ќе се игра во Германија, која исто така ќе игра на континеталниот собир.
Во последните две квалификациски кола кои ќе се играат идниот месец, ќе бидат познати уште 12 селекции кои ќе обезбедат пласман на ЕП, а за последните три места во март идната година ќе се борат екипите кои преку Лигата на нации обезбедија баражи.
Иако математички не се пласираа на ЕП, неколку селекции се на милиметар од ЕП 2024 и меѓу нив се неколку од регионот. Србија со синоќешната победа над Црна Гора од 3:1 речиси ја заврши работата околу пласманот на ЕП бидејќи во последното коло ќе ја пречека најслабата селекција во групата, Бугарија.
Одлично игра и Словенија, која собра 19 бода во групата Х и заедно со Данска се наоѓа на лидерската позиција на табелата, додека Казахстан, кој игра одлично во квалификациите, има четири бода помалку. Словенија во ноември ја очекуваат дуели токму со Данска и Казахстан и во директни дуели ќе бидат одредени првите две места на табелата.
И Албанија е пред пласман на ЕП, во ноември ја очекуваат натпревари против Молдавија и Фарски Острови, а за пласман на континенталниот собир, потребно ѝ е да освои само еден бод во двата меча и зад себе да ги остави Чешка и Полска.
Блиску до пласман на ЕП 2024 се и Холандија, Данска и Словачка, додека Хрватска и Италија ги чека комплициран пат до ЕП, а интересно ќе биде во групата И, каде што три репрезентации, Романија, Швајцарија и Израел, се борат за првите две места.
Италија доколку не успее да го освои второто место во групата Ц, каде што е и Македонија, има обезбеден пласман во баражот исто како и Хрватска.