Градот Тетово отсекогаш важел за еден од најголемите фудбалски центри во Македонија, но и расадник на таленти и репрезентативци со сите категории. Сепак, последните три сезони своето место заслужено го зазема и женскиот фудбал и тоа, пред сè, поради трите шампионски титули на ЖФК Љуботен.
Токму поранешниот младински репрезентативец на Македонија и трофеен тренер во женскиот фудбал со Љуботен, Ивица Радоњиќ, е гостин во Хуманитарниот тикет, со кого ќе се обидеме да донираме доколку тикетот биде добитен.
„Фудбал започнав да тренирам уште од најмала возраст во школата на Тетекс, а потоа стигнав и до сениорската екипа, но истовремено бев и стандарден во репрезентациите на Македонија за фудбалери до 15, 17 и 19 години. Можеби ќе направев и подобра кариера, но повредите си го сторија своето, па многу рано започнав со тренерскиот занает во школата на Љуботен, најпрво со најмалите генерации, а потоа и како координатор на академијата“, го започнавме разговорот со Радоњиќ.
Сепак, брзо стигнува и нов предизвик во кариерата, а тоа е женскиот фудбал и амбициозниот проект – ЖФК Љуботен, трикратен шампион на Македонија и двократен освојувач на Купот, како и учествата во женската Лига на шампиони.
„Успесите започнуваат во сезоната 2020/21, кога преминав во женскиот клуб на Љуботен, а веќе следната сезона, како шеф на стручниот штаб, дојдовме и до првата и историска титула за нас. Тука беше почетокот на оваа шампионска серија, која трае и до денес. Испишавме историја во женскиот фудбал, со големи интернационални трансфери во македонската лига, нешто што го немаше до тогаш. Првата титула дојде во 2021/22, а веќе следната сезона на доминантен начин ја освоивме и двојната круна, секако и историскиот прв настап на меѓународна сцена. Во сезоната 2022/23 го освоивме првенството без пораз, а во финалето на Купот славевме над најголемиот конкурент, Каменица Саса, со преубедливи 4-0“, вели Ивица Радоњиќ за успесите на тетовскиот клуб.
И покрај вложувањата и од клубовите, но и од Фудбалската федерација на Македонија, сепак женскиот фудбал сè уште не ги бележи резултатите кои се очекуваат, но позитивно е тоа што Љуботен по пауза од 12 години, ја донесе првата победа за Македонија во женската Лига на шампиони.
„За разлика од пред неколку години, последните четири до пет сезони речиси сите кандидати за титулата имаат интернационални засилувања, а со тоа и квалитетот на првенството е кренато на повисоко ниво. Тоа е од корист и за нашите фудбалерки, бидејќи имаат можност да тренираат и да играат со квалитетни странски играчи. Доказ за тоа е и првата победа за некоја македонска екипа во женската Лига на шампиони по 12 години, онаа на Љуботен против Кардиф на квалификацискиот турнир во Холандија. Добрите резултати се забележителни и во репрезентацијата до 17 години, која последниве години редовно успева да влезе во ‘А’ дивизијата, што не беше случај во минатото“, додава Радоњиќ.
Сепак, за разликата од најмладите фудбалерки, резултатите изостануваат во сениорската репрезентација, онаа која треба да биде одраз на меѓународен план за случувањата во женскиот фудбал кај нас.
„Проблемот е во сениорската репрезентација, која последниов период има очајни резултати. Мора нешто да се промени, да се искористи потенцијалот во помладите генерации и со системска работа тие млади фудбалерки да се вклучат во селекцијата крај Андонова и Рочи, кои се носители на нашата репрезентација, но и да се насочиме кон натурализација на квалитетните интернационалки кои играат во нашето првенство. Само така можеме да направиме една респектабилна репрезентација, која дури може да конкурира и за учество на некое големо натпреварување. Секако, и ФФМ треба да им помогне на клубовите, тие интернационалки да останат во Македонија и да ги исполнат условите, да станат наши репрезентативки“, со надеж за успех на македонскиот женски фудбал го завршивме разговорот со Ивица Радоњиќ.
Радоњиќ веќе подолг период поседува УЕФА А тренерска лиценца, а сега е во процес на добивање и на ПРО лиценца. Во моментов работи како координатор на фудбалската школа, но и тренер на младите таленти на најстариот активен фудбалски клуб во Македонија, тетовскиот Љуботен.
Во продолжение Хуманитарниот тикет кој го состави Ивица Радоњиќ.