Барселона на очаен начин ја започна сезоната во Лигата на шампионите и по првите две кола е без ниту еден бод и со гол-разлика од 0:6. Во една ваква ситуација, Барселона е речиси без шанси да продолжи во нокаут-фазата. Според досегашната традиција, само 8,6 отсто од екипите кои немале ниту еден бод по првите две кола, на крајот успеале да се пласираат во нокаут-фазата.
На синоќешното гостување во Португалија, Барселона со 3:0 загуби од Бенфика. Освен резултатското понижување на теренот, домашниот играч Николас Отаменди реши дополнително да го навреди младиот Ансу Фати. Тинејџерот кој ја доби шансата да го носи дресот со бројот 10, кој беше заштитен знак за Лионел Меси, беше исмеван од Отаменди.
„Ти си тој лажниот Меси“, му рече Отаменди на Фати пред самиот крај на мечот.
Барселона во следното коло дома ќе игра против Динамо Киев, и тоа ќе биде добра шанса Каталонците конечно да стигнат до првите бодови во Лигата на шампионите за оваа сезона.