Шпанскиот шампион Барселона, не успеа да го врати Лионел Меси на „Камп Ноу“, Аргентинецот се одлучи да потпише за Интер Мајами, по што тренерот на каталонскиот тим се врти кон Бундеслигата и капитенот на Баерн Минхен, Џошуа Кимих.
Новинарите на „Мундо Депортиво“ Фернандо Поло и Феран Мартинес, тврдат дека Кимих на големо задоволство на Чави, одлучил да направи притисок врз Баерн да му дозволи да се пресели во Барселона.
Кимих планира да го следи примерот на Роберт Левандовски кој минатото лето успеа да издејствува Баерн да го продаде на Барселона и тоа откако јавно изјави дека повеќе не сака да игра за германскиот тим и дека му е потребен нов предизвик во кариерата.
Сепак, преговорите со Баерн нема да бидат лесни бидејќи Кимих е под договор со 2025 година, но Чави се надева дека фудбалерот ќе побара трансфер. „Мундо Депортиво“ пишува дека евентуална понуда од 70 до 80 милиони евра би била доволна за Баерн да му дозволи на својот капитен да си замине.
Чави во Кимих ја гледа идеалната замена за Серхио Бускетс кој на 1. јули ќе стане слободен играч и многу веројатно е дека ќе му се приклучи на Меси во Интер Мајами.