Младата ѕвезда на Барселона, Ламин Јамал, остана на второто место во рангирањето за добивање на највредната индивидуална награда во фудбалот, а тоа е Златната топка. Пред тинејџерот се најде Усман Дембеле, играчот кој го предводеше Пари Сен Жермен до сите можни титули во Франција, но и до европскиот трон во Лигата на шампионите.
Јамал, кој има 18 години, беше прогласен за најдобар млад фудбалер, што беше повеќе од очекувано. Самиот Шпанец вели дека не очекувал да ја добие Златната топка и дека времето е пред него за да добие едно такво признание.
„Господ има совршен план. Мора да се качувате,за да дојдете на врвот. Честитки за Дембеле, тој имаше одлична сезона“, беше пораката од Јамал. Интересно е дека ѕвездата на Барселона и пред прогласувањето на најдобриот, беше скептик дека тој ќе биде прогласен за најдобар.
„Не сум сигурен дека сум подготвен за голем трофеј. Можеби ќе се видиме подоцна со едно такво признание“, рече Јамал, потенцирајќи дека е многу млад и дека пред него е кариерата.
Според гласовите, Дембеле е најдобар пред Јамал, Витиња, Салах и Рафиња.