По секој неуспех на Манчестер јунајтед, веднаш повторно се отвора прашањето околу иднината на менаџерот Рубен Аморим. Англиските медиуми веќе пишуваа за причините поради кои може да добие отказ, а повторно е актуелен и списокот на можни наследници.
Според информациите, меѓу кандидатите се споменуваат Андони Ираола, Оливер Гласнер и Герет Саутгејт.
Наводно, сопственикот Џим Ретклиф во последните денови директно стапил во контакт со Саутгејт, кој е единствениот без моментален ангажман. Тој веќе неколку пати бил поврзуван со „Олд Трафорд“, дури и во периодот кога замина Ерик тен Хаг, но тогаш изборот падна на Аморим. Сега, пак, позицијата на Португалецот изгледа далеку понестабилна.
Ираола и Гласнер засега се цврсто вкоренети во своите клубови Борнмут и Кристал Палас, и тешко дека би биле пуштени по силниот старт на сезоната. Гласнер може да се пофали со низа од 18 натпревари без пораз, пресметувајќи ги и резултатите од минатата сезона, а тоа и покрај заминувањето на двете ѕвезди Олисе и Езе. Ираола, од друга страна, одлично го стабилизира Борнмут, иако ова лето остана без целата одбрана, но клубот со заработените 200 милиони евра успеа да најде соодветни замени.
Герет Саутгејт пак, најмногу е познат по својата работа како селектор на Англија, со која стигна до две европски финалиња, но ги загуби и двете. По разделбата со националниот тим, тој е во потрага по вистинска понуда за враќање во клупскиот фудбал.