Тревникот на Националната арена “Тодор Проески“ во Скопје во изминатиот период беше во катастрофална состојба. На овој проблем се пожалија сите кои играа во Скопје, не само противничките екипи и репрезентации, туку и нашите фудбалери.
Од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, во чија надлежност е и стадион во Скопје, велат дека растителен паразит е причината за катастрофалната состојба.
– “Укажуваме дека проблеми од овој тип не беа регистрирани во претходниот период, односно пред натпреварот со Украина. Теренот на стадионот беше позитивно оценет од страна на УЕФА. По извесен период, кон крајот на јуни, констатирано е дека тревата е заболена од болеста „Питиум“ (растителен паразит). Од страна на нашите стручни служби веднаш беше пристапено кон третирање на болеста и ново просејување со семиња и прихрана. Квалитетот на теренот беше доведен до задоволително ниво, поради што УЕФА даде зелено светло за одржување на натпреварот со Италија. Сепак, кусиот период до следниот натпревар, во случајов со Италија, не дозволи целосна реконструкција, а дополнителен проблем беше и фактот дека во меѓувреме на стадионот беа одиграни неколку клупски меѓународни натпревари поради кои тревата дополнително се оштети.“ – се вели во објаснувањето од компанијата за порталот 360 степени.
Од друга страна, портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски, вели дека јавноста мора да знае дека стадионот не е нивна сопственост.
– “Она што е најважно за фудбалската федерација, не само во овој момент туку години наназад е јавноста да знае дека овој стадион, не е во сопственост ниту го стопанисува ФФМ. Ние само имаме договор за одигрување натпревари до февруари 2025 година. За жал, инфраструктурно од овој степен, Македонија има само еден стадион, а тоа е националната арена и тоа е причината зошто сме приморани натпреварите на А репрезентацијата да ги играме на нашиот најголем стадион.“ – вели Андоновски за 360 степени.
Во јавноста се појавија најави дека ФФМ сака да постави нов, хибриден, тревник на Националната арена во Скопје.
– “Сето тоа е процес којшто трае. ФФМ нема официјален став дека ќе прави било што…интензивно се преговара за условите под кои ФФМ и ПУИГ би соработувале и во иднина. Наша основна цел е репрезентацијата да има најдобри услови не само за натпревари туку и се што е вклучено во организацијата, од логистика до патување, се што е неопходно за добри резултати. За жал последниот период тоа не беше така.“ – додава Андоновски.
Следниот домашен натпревар за нашата репрезентација е пријателскиот против Ерменија во Струмица, се со цел да се избегне играњето на лошата трева во Скопје.
– “Не верувам дека македонските фудбалери на ваков начин би се согласиле да играат нов натпревар на ваков тревник. Сликата кажува сè.“ – вели портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски, за 360 степени.