Откриен разговорот од ВАР-собата со судијата: Познато е зошто Ливерпул не доби пенал против Сити

Ливерпул и Манчестер сити пред 10-тина дена одиграа нерешено 1:1 во меч од Премиер лигата меѓу две екипи кои се борат за титулата. Сити водеше 1:0, Ливерпул израмни, а Црвените на крајот останаа разочарани затоа што очекуваа да добијат пенал во последните моменти од мечот, но судијата остана категоричен дека немало најстрога казна во корист на домаќините.

Доку со нога го удри Мекалистер, но главниот судија Мајкл Оливер беше категоричен дека тоа не е за пенал, а со оваа одлука се согласи и Стујард Атвел, кој беше главен арбитер во ВАР-собата.

Комуникацијата меѓу судиите сега е достапна за сите.

Судијата: Повторувам, нема пенал за мене. Топката е помеѓу двајцата играчи.

ВАР-собата: Повторуваме, можен пенал.

Судијата: Мислам дека топката беше во средина. Тој (Доку) само се обидува да одигра со топката, можеби дојде до некој контакт?

ВАР-собата: Јасно е дека Доку ја удира топката. Ја има топката и потоа тие се удираат еден со друг. Мислам дека не е доволно за пенал. Оли ја потврдуваме одлуката донесена на теренот. Играта може да продолжи.

Легендарниот англиски судија Хауард Веб, кој сега е технички директор на Здружението на судиите во Англија имаше свое видување на оваа спорна ситуација.

„Тоа е една од оние вообичаени ситуации кога главниот судија на теренот ја донесува одлуката, а потоа следува проверка од ВАР. Го слушате Мајкл Оливер како вели дека топката е меѓу двајцата играчи. Топката е прениско за Мекалистер да ја удри со главата, Доку ја подигнува ногата и доаѓа до контакт меѓу нив двајцата. Точно е дека постоеше контакт со Мекалистер, но ни тој не играше со топката. Јасно ми е зошто има поделено мислење. Некогаш тоа се суди пенал, но мислам дека одлуката генерално е исправно донесена“, вели легендарниот арбитер Веб.

- Оглас -

Најнови вести