Најтрофејниот италијански тим Јувентус, по втор пат во последните две децении жестоко е казнет, овој пат со одземање на 15 бода од актуелната сезона, но процесот продолжува во италијанските судови.
Поранешната управа на чело со Андреа Ањели, Маурицио Аривабене и Павел Недвед доби забрана за извршување на било каква функција во фудбалот од осум месеци до 2.5 години, а згора на тоа наскоро треба да се појават во судница бидејќи се обвинети за финансиски малверзации.
Во аферата наречена „“Плусваленса“ е откриено дека Јувентус во изминатите години на сомнителни трансфери заработил милиони евра. Управата на Старата дама пронашла „дупка во системот“ која ја користела за да ги испегла годишните финансиски извештаи и вештачки го кревала својот годишен буџет.
Јувентус мамел преку „надуваните“ трансфери, од кои пријавувал поголем профит отколку што било реално. Имено, Јувентус купува играч за 20 милиони евра со кого потпишал петгодишен договор, а парите од трансферот подеднакво ги делел на пет години, со што пријавувал дека во првата година од ангажманот од одреден фудбалер е должен само четири милиони евра.
Доколку Јувентус истиот играч го продал за две години, пријавувал добивка од 22 милиони евра. Тоа управата на Јувентус го направила премногу пати за да биде случајност и поради тоа била фатена од финансиската полиција и обвинителството.
Во изминатите години, Јувентус направил доста вакви трансфери, а еден од најлудите е тој на Андреа Фавили. Станува збор за непознат фудбалер кој моменто настапува второлигашот Тернана. Јувентус во 2018 година го купил за 6.8 милиони евра, а само еден месец подоцна Џенова плаќа 5 милиони евра за едногодишна позајмица. По сезоната во која одигра само 163 минути, Џенова одлучи да го купи Фавили за дури 7 милиони евра со што Јувентус покрил добар дел од буџетот.
Случајот со трансферите на Фавили не е единствен, наводно обвинителството има докази за десетина вакви примери и поради тоа покрена истрага и поднесе тужба против сега веќе поранешната управа предводена од Андреа Ањели.