Во Италија се знае дека ништо не се знае, а ова важи за продолжувањето на фудбалското првенство. Нема официјални информации кога ќе продолжи Серија А, но клубовите почнаа со тренинзи. Тие се подготвуваа да почнат на 13-ти јуни, но Владата забрани секакви спортски натпревари до 14-ти јуни.
Ако не е можно да се доиграат сите кола, една од опциите за финиширање на сезоната е да се игра плејоф. Во таков случај, шест тима би се бореле за титулата.
Двете водечки екипи, Јувентус и Лацио, би биле автоматски во полуфиналето, додека за другите две места ќе се играат четвртфинални дуели. Во едниот, Интер би се сретнал со Наполи, а во другиот Аталанта со Рома. Во полуфиналето, Јуве би играл со Рома или Аталанта, а Лацио го чека победникот од Интер и Наполи.
Постои опција и плејоф со четири тимови, кои би разигрувале и за титулата, а ќе има плејоф и за опстанокот и за местата во Лига Европа. За три места кои водат во Серија Б, ќе разигруваат шест тима.
Плејоф во фудбалска Италија не се играл уште од 1993 година, кога на таков начин се одредуваше првакот на Серија Ц. За елитното друштво, ова е нешто невидено. Одлуката како ќе се доигра сезоната и дали воопшто има услови да се доигра, ќе се донесе во првите денови од јуни.