Отпишаните се вратија и се многу опасни – Без победа и 2:11 гол-разлика во првите три кола, стигнаа на три чекори до пехарот

Тие можат секого да победат, а тоа што го направија во овој циклус натпревари во Лигата на шампионите, тешко се повторува.

Аталанта од Бергамо е екипата што ги воодушеви сите неутрални вљубеници во фудбалската игра, особено по неверојатниот камбек што го направија во фазата по групи во Лигата на шампионите.

Почнаа со тежок пораз во Загреб од Динамо со 4:0, а потоа загубија дома со 1:2 од Шахтар и со 5:1 од Манчестер сити на гостински терен.

Немањето ниту еден бод и гол-разлика од 2:11 на пола пат од фазата по групи ветува само едно, убедливо последно место, но Фениксот од Бергамо се врати од невозможна ситуација и со реми и две победи до крајот на натпреварите во групата Ц ги претрка Шахтар и Динамо Загреб и го освои второто место зад лидерот Манчестер сити.

Со популарните Граѓани можат да играат уште еднаш само во финалето, а ако Аталанта беше на три чекори до сигурна очекувана елиминација уште во фазата по групи, сега е на три чекори до историски успех и прв пехар во Лигата на шампионите.

Во осминафиналето во два дуели беа многу подобри од Валенсија и се пласираа во завршницата со вкупен резултат од 8:4.

Останаа и единствен претставник на Италија, земјата што има колекција од 12 пехари во КЕШ или ЛШ и е трета на вечната листа зад Шпанците со 18 и Англија со 13.

Вечерва за хитот од Бергамо е вистинското искушение и дуелот со моќниот Пари Сен Жермен, клуб кој е неколкукратно побогат од нив со ѕвезди од калибарот на Мбапе, Нејмар, Ди Марија, Верати…, но Аталанта веќе докажа дека ги има сите потребни елементи за да се надева и на европската круна.

Мечот ќе се игра на стадионот „Луж“ во Лисабон вечерва од 21 часот, како премиерен од четвртфиналето во Лигата на шампионите.

 

- Оглас -

Најнови вести