Гранада со гол на ветеранот Хорхе Молина во 97-мата минута изедначи на 1-1, се спаси од пораз против Хетафе и го спречи првиот триумф на мадридскиот тим сезонава. Молина од 2016 до 2020 играше за Хетафе и даде 46 гола.
Хетафе, кој е последен на табелата во шпанското елитно друштво, заедно со Леванте се двата тима коишто немаат победа сезонава. Хетафе од 16 мај наваму не знае за победа. Енес Унал беше стрелец на голот за водство во 36-та минута, но тоа не значеше победа.
Се чинеше дека им беше пишано на Сините вечерва да триумфираат во Гранада. Ова беше трет меч на којшто поведуваа со 1-0, фортуната беше со нив и кога во 78-мата минута, домашните утнаа пенал. Сепак, 39-годишниот Молина во 97-мата минута донесе голема радост во Гранада.
Хетафе по првите 11 кола, има само три бода, а историјата кажува дека во претходните такви случаи екипите испаѓале.