Како ретко кога, во ова коло има неколку дерби-дуели низ Европа, што преставува посебен предизвик за играчите на Спортската прогноза. Повеќе од 1.000 прогнозери ги дадоа своите типови, а интересно е што на некои од европските гиганти, кои најчесто се во улога на фаворити, сега не им се даваат големи шанси за победа.
Порто игра на гости кај Бенфика во португалското дерби, а едвај 7 отсто од прогнозерите веруваат дека ќе биде „двојка“. На „Сан Сиро“ се игра големото миланско дерби на кое Милан е во улога на фаворит. Интересно е дека Интер, кој ќе биде во улога на гостин, има само 23 отсто шанса да победи, барем ако се гледаат прогнозите досега дадени.
Хајдук на свој терен во Сплит го пречекува вечниот ривал Динамо Загреб, а само 23 отсто веруваат дека домашниот тим ќе се радува на триумф. Тука е и вечното шкотско дерби меѓу Ренџерс и Селтик. Делува нереално, но за Селтик да победи, се одлучиле само 16 отсто од прогнозерите.
Вкупно 13 натпревари од седум различни првенства се во понудата за ова коло, а секако дека главен предизвик за сите кои прогнозираат е да се стигне до Среќна 13-ка, односно да се погодат фиксовите на сите мечеви. За 13 погодени натпревари се добива iPhone 16. Подароци има и за оние кои ќе имаат една или две промашувања. За погодени 12 пара следува вредносен ваучер од 1.000 денари, а 11-ката вреди ваучер од 500 денари.


