Ова лето ќе има фудбалски маратон невиден во историјата

Фудбалскиот мораториум влезе и во вториот месец поради пандемијата од Коронавирусот. Речиси сите фудбалски првенства чекаат кога ќе добијат „зелено светло“ за да може да се продолжи и да се добијат новите национални шампиони.

Во Топ 5 лигите, ситуацијата е навистина напната. Има уште многу натпревари до крајот, а времето е се пократко. Во Премиер лигата е најрелаксирано, затоа што има само уште 9 кола до крајот. На Бундес лигата и остануваат уште 10 кола, а во Франција и Шпанија имаат да се доиграат уште по 11 кола. Најкритична е ситуацијата во Серија А во Италија. Таму остануваат уште 12 комплетни кола, плус неколку заостанати мечеви, што значи дека се потребни дури 13 слободни термини.

Ако се знае дека првенствата нема да започнат пред средината на мај, тогаш јасно е дека следуваа многу динамичен период. Јуни е месец кој досега беше најрелаксирачки за фудбалерите затоа што тогаш завршуваа сите првенства и започнуваше нивниот одмор по напорната сезона.

Овојпат ќе биде поинаку. Ако нема дополнителни одложувања поради Коронавирусот, оваа година во јуни и јули ќе се решаваат многу енигми околу тоа кои ќе бидат национални прваци.

Едноставно ова лето треба да биде „најжешко“ на клупски фудбалски план, но сепак треба да почекаме да видиме како ќе се одвива ситуацијата со пандемијата.

- Оглас -

Најнови вести