Ова не се памти во Задар: Цел стадион го скандираше името на Србинот

Најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ победнички стартуваше на Адрија турнирот во Задар, откако со 2:0 во сетови го победи сонародникот Пеѓа Крстин. Иако Крстин е на 246 место на АТП листата, Ноле мораше да се помачи за да стигне до триумфот.

Во првиот сет, Крстин направи брејк и поведе со 3:1, но Ѓоковиќ не се предаде. Фаворитот стигна до 3:3, а потоа во тај-брејкот беше подобар со 7:3 за 1:0 во сетови. Во вториот сет, Новак без многу мака, со два брејка стигна до 4:1 и победнички старт на турнирот.

На трибините на стадионот во Задар имаше 4.500 гледачи и речиси сите во еден глас скандираа „Ноле, Ноле“ и тоа во моментите кога на Ѓоковиќ му требаше поддршка за да се врати во првиот сет.

„Лошо го започнав мечот, но потоа се корегирав на крајот од првиот сет. Благодарам на публиката, беше сјајна. Прв пат сум во Задар. Откога слетав тука, сите се љубезни и гостопримливи кон сите нас. Ви благодарам многу“, рече Ѓоковиќ по мечот.

Изненадувањето на првиот ден од турнирот го приреди Србинот Данило Петровиќ кој е на 157 место во светот, но успеа да го победи Александер Зверев и тоа со по 4:3 во двата сета.

 

- Оглас -

Најнови вести