Ова се 12-темина кои ќе се обидат да ја однесат Македонија на Евробаскетот!

По утринскиот тренинг во Перм, во голема мерка шутерски, селекторот на македонскиот сениорски национален тим, Александар Тодоров, ги одреди 12-те кошаркари кои ќе влезат во официјалниот записник за средбата со Италија од 15.30 часот. Тодоров имаше неколку дилеми, кои ги тргна непосредно по одработените 45 минути.

За средбата со Италија, Тодоров ќе им укаже доверба на следниве играчи:

Дамјан Робев, Андреј Митревски, Бојан Крстевски, Дамјан Стојановски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Бојан Трајковски, Теодор Симиќ, Џејкоб Вајли, Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски. На некој од следните мечеви шанса ќе чекаат Лука Савиќевиќ, Виктор Ефремовски и Филип Бакоч.

Италијанците не се комплетни, им фалат главните ѕвезди кои играат во НБА и во Евролигата, но и со ваков состав тие успеваа да ги победат Русија и Естонија, затоа и денеска Аѕурите се фаворити против Македонија. Италијанците како едни од домаќините на ЕП 2022 се имаат пласирано на Евробаскетот и без голем притисок ги играат квалификациите. Нашата селекција за да оди на континенталниот шампионат, мора да биде пред Русија или Естонија на конечната табела.

Утре Македонија се среќава со Русија, потоа следува еден ден одмор, а в недела и понеделник се веројатно клучните средби, повторно со Италија и оној со Естонија, од која загубивме во Скопје со девет поени разлика.

- Оглас -

Најнови вести