Ја заокружуваме првата третина од новата сезона, или подобро кажано воведниот дел, па ако може да се донесе некаков заклучок, тоа е дека полека сѐ се враќа во нормала… донекаде. Турбулентниот старт кој донесе доста нервози и од навивачки, но и од обложувачки аспект, ме натера одново да си учам од истата грешка, па не знам по кој пат дувам во јогурт знаејќи дека со млеко се попарив.
Тикет ми бутнаа сите гиганти по ред, од коло во коло… Прво Барса, „крив“ е Адуриз за тоа, па Баерн со „сигурицата“ против Херта во првото коло која заврши со реми. По еднаш ме „изгореа“ ПСЖ, Сити, па Дортмунд, а наивно се залетав со Милан и Јунајтед со мислата во памет: сега му е мајката! И така, од викенд за викенд си гужвам по некое ливче и си го вежбам шутот за на баскет, ја гаѓам кантата „без коски“. И викендов беше речиси истото… Оние сигурни квоти од 1.15 и 1.17 ми уништија уште еден „добитен“… Баерн и Сити си добија по една врела шлаканица, и тоа пред домашните, најблиските… А, таман си реков: сѐ се враќа во нормала. Се враќа, ама за кого како…
СЕГА ИЛИ НИКОГАШ!
Изгледа Пеп и Граѓаните од Манчестер се заситија од успех, па сега им е интересно да прават каша-попара таман кога ќе си помислиме дека ќе наредат неколку убедливи победи. Волците им направија длабока рана, којзнае дали ќе закрепнат од овој удар, иако рано се случи.
За Ливерпул не правам муабет, прв е на тикетот… Клоп му фрли око на трофејот од Премиер лигата, ќе го освои, па ако треба светов нека се преврти. Така играат и неговите пулените, за нив секој меч е војна, а во војната нема правила, па затоа на секаков начин ќе се обидат да дојдат до важните бодовите. Тие „осум од осум“ не се случајни, ги гледаш како играат и си викаш: Е, ова е нивна година. Сѐ е во нивна полза. Ем играат убав фудбал, ем се комплетна екипа, ем главните конкуренти им гледаат во грб… Октомври сме, а веќе Ливерпул направи осум бода разлика пред актуелниот шампион, па ако тоа не е доволен мотив да се продолжи со исто темпо, не знам што може да биде.
Од Ѓаволите се откажав, по вчерашното фијаско со Њукасл повеќе се модри отколку црвени ѓаволи. Штом Солскјер вели дека добро е што „извадиле“ реми на гости кај АЗ Алкмар во Лигата на Европа, значи дека во англиското одамна дигнаа раце. Тотенхем е очаен, му се готви отказ на Покетино, па и нив одамна ги избришав.
И сега, ќе ме прашате: Па што си се фатил со „најдобрите“ лиги во Европа, пролистај го билтенот дебел ко Библија, мора да се најдат 4-5 фикса за солидна добивка. Има, ама ај да те видам најди ги. Не сум некое играчиште толку да му ја думам, па очекувам овие гигантиве да ме почестат, само некако не им се дава. Плус играм за „ситно“, колку да следам резултати, не планирам од спортска империја да градам.
ВОСПОСТАВЕНА Е РАМНОТЕЖА, СЕГА ТРЕБА ДА СЕ ОДРЖИ
Реал одвреме-навреме ме ставаше во мислење. Во одредени ситуации играта на Кралевите не ветуваше, но Зидан најде начин како да го вади максимумот од тимот преполн со ѕвезди, па еве сега 13-кратниот европски првак е пред Атлетико и Барса на табелата. Првото место го вкусија и Билбао и Севилја, па и Гранада, но по осум кола, може да се каже дека шпанското првенство се враќа во нормала, пак ќе биде трка меѓу три коњи.
На Каталонците оној „прелаз“ со Интер убаво им легна, а со Меси на теренот сѐ е полесно. Навистина ја прави разликата, и кога го нема на листата стрелци или асистенти. Доволно е да биде присутен за да му се плашат противниците. А, што има врска ако Меси не даде гол кога Суарес се прероди, па пак почна да сече со „ножичките“. Севилја го знае тоа најдобро.
Да ги спомнеме Италијанците. Почна Интер да се сили, Конте се чука во гради и вика: Јас ја почнав оваа доминација на Јуве, јас ќе ја прекинам. Ама стратегот на Нераѕурите направи една грешка, ја потцени Старата дама, па дочека да биде спуштен на земја. И сега ете го гигантот од Торино, нанижа четири победи, ја освои „Меаца“ и пак дојде до врвот со кој владее веќе седум години. Сари е тој што го токми новиот мандат за власт, а има првокласни „советници“ во Роналдо, Игуаин и Дибала како да ја направи успешна кампањата. Ќе се турка Интер, ама во некоја наредна сезона. Наполи се труди, ама пак тука нешто недостасува. Анчелоти сака да биде меѓу главните, но се чини дека пак заостанува неколку чекори зад Јувентус. Можеби да го става Елмас почесто во стартна постава, ќе се смени нешто, можеби… Не го гарантирам тоа. На нашиот „дијамант“ убаво му тргна кариерата на „Сао Паоло“, сакаме така да продолжи, но не е убаво чувството кога ќе го видиме како неискористена замена. Јасно е дека има голема конкуренција на неговата позиција, ама големи играчи се создаваат само ако има се укаже шанса.
Во Франција ништо посебно. Иако не очекувавме ПСЖ да има два порази толку рано, пак тие си се први и се чини дека пак ќе се прошетаат до титулата. Мала доза на грижа доаѓа од Бундеслигата. Мислевме дека ништо нема да го сопре минхенскиот „Боинг“ по фештата против Тотенхем, но викендов Ковач и „готвачите“ Гнабри и Левандовски беа принудно приземјени од Хофенхајм. Па и тој Дортмунд со шампионски амбиции, а ремијата им станаа навика. Милионерите најмногу може да ги удри од глава изреката: Оваа година е наша година.
Ајде сега следува репрезентативна пауза, петнаесетина дена за консолидирање и враќање на прав пат. Можеби по ова ќе ја дочекаме нормалата таму каде што се очекува, а овој воведен дел сам си ги избра екипите кои први ќе ги заокружуваме во некој нареден „добитен“ тикет. Тоа се: Ливерпул, Јуве, ПСЖ, па ајде нека бидат тука и Барса и Реал, иако примаат доста голови. А, ќе бегаме што подалеку од Јунајтед, Тотенхем, Дортмунд.