Одамна немало толку голем интерес за кошаркарски натпревар кај нас како за вечерашниот дуел од квалификациите за Евробаскетот 2021 помеѓу репрезентациите на Македонија и Естонија, кој ќе се игра во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје со почеток во 20.15 часот.
Јавноста го препозна моментот и избраниците на селекторот Александар Тодоров може да сметаат дека покрај себе ќе го имаат „шестиот играч“, па ако победиме со поголема разлика, тоа може да значи и дека во 2021 по шест години пак ќе бидеме учесници на континенталниот собир.
Најавено е дека ќе има македонско знаменце на секое седиште, а на трибините ќе се најдат и политичари и познати лица од светот на спортот. За оние што нема да бидат во сала, останува опцијата преносот да го гледаат на регионалната спортска телевизија Спортклуб 2.
Кошаркарската федерација верува дека публиката ќе ги исполни трибините и ќе им даде поддршка на кошаркарите кои ќе се појават на теренот во црвено-жолти дресови. Билетот чини 100 денари, а сите приходи од продажбата ќе бидат донирани во хуманитарни цели. Покрај тоа, во салата ќе бидат поставени и донациски кутии во кои хуманите граѓани ќе можат да донираат во рамките на своите можности.
Екипата која ќе се бори за победа над Естонија е составена од шестмина кошаркари до 24 години и шестмина поискусни. Највозрасни се браќата Стојановски со по 32 години. Дамјан Стојановски го очекува 50-тиот настап, со што ќе го надмине Перо Антиќ, а особено млада е плејмејкерската линија која ја сочинуваат Магдевски со 24, Николов со 23 и Димитријевиќ со 21 година.