Кливленд кавалирс е најуспешен тим во НБА-лигата во моментов, единствен е со скор 5-0, а петтата победа беше рано утрово против ЛА лејкерс, и тоа убедлива од 134-110.
Коњаниците беа многу мотивирани да го поразат гостинот предводен од најдобриот играч во историјата на Кливленд, Леброн Џејмс, првата четвртина ја добија со 42-23. Овој меч ќе го памети и синот на Леброн, Брони Џејмс, кој играше пет минути и успеа да ги постигне своите први поени во НБА-лигата. Иако е играч на Езерџиите, Брони доби овации од публиката во Кливленд и кога влезе во игра и кога го даде кошот.
Најинтересно беше во Индијана, каде што Пејсерс по продолжение му нанесе пораз на првакот Бостон селтикс од 135-132 и ова е прв пораз за Келтите сезонава. До првата победа стигна Детроит пистонс, кој славеше во Филаделфија со 105-95, а интересна ситуација имаше во Чикаго, каде што Булс го совлада Орландо со 102-99. На 0,1 секунда до крајот гостите изведоа аут и Паоло Банкеро уфрли супербрза тројка, но судиите не го признаа кошот.
Најефикасен поединец синоќа во НБА беше Карл Ентони Таунс од Њујорк никс, кој даде 44 поени и со тоа придонесе за победата на неговиот тим на гостувањето кај Мајами.
Ова се поените на Брони Џејмс, негови први во НБА:
https://twitter.com/i/status/1851796223205712122