Новиот фудбалски владетел на Европа ќе се дознае вечерва, ќе биде тоа Баерн Минхен по шести пат, или пак ПСЖ за првпат во клупската историја. Не се очекува ништо помалку од спектакл и возбудлив меч, овие две екипи досега повеќекратно демонстрираа што е тоа напаѓачки фудбал и ќе го сторат тоа уште еднаш за последен пат во оваа чудна сезона.
Добро познати лица ќе се сретнат на „Луж“ во Лисабон, а во претстојните 90 минути, или 120 доколку има продолженија, дел од ѕвездите ќе мора да заборават на пријателството.
Неjмар и Кутињо, старите добри другари од Бразил кои со години ја бранат честа на самбата, вечерва ќе играат еден против друг. Истото ќе важи за Иван Перишиќ и Мауро Икарди, кои до неодамна ја делеа соблекувалната во Интер.
„Матурантите“ од Шалке, Леон Горецка и Тило Керер, за првпат во нивните кариери ќе почувствуваат како е да се игра во едно финале на ЛШ, а таму сигурно нема пријателство кога во прашање е пехарот со големите уши.
Килијан Мбапе и Бенжамен Павар пред две години блескаа на Мундијалот во Русија, заедно го доведоа светскиот трофеј во Париз, но вечерва еден од нив ќе се радува на ново одличје, а другиот ќе тагува до некоја наредна прилика.