Седум тима во историјата на фудбалот успеале да освојат тројна круна во една сезона (европски првак, титула во домашно првенство и куп на својата земја), а Ливерпул може да стане првиот што освоил и четири бидејќи освен во Лигата на шампионите и Премиер лигата, во игра е да ги освои двата англиски купа, од кои едниот веќе го зеде.
Доколку успее да ги освои сите четири трофеи, овој тим на Ливерпул од многумина ќе биде прогласен за најдобар во историјата на англискиот фудбал.
Ливерпул сезонава има дадено 135 гола и има само еден пораз во календарската 2022 година.
Синоќа го победи Вилјареал со 2-0 и тоа треба да биде доволно за пласман во финалето на ЛШ. Црвените само еднаш биле елиминирани по домашна победа од два или повеќе гола разлика на првиот дуел, и тоа во 1965 година од Интер.
„Игравме добро во првото полувреме, но не дадовме гол. Резултатот од 2-0 е незгоден, ништо не е завршено, ни претстојат уште 90 минути“, изјави тренерот Јирген Клоп.