Ракометната репрезентација на Македонија за играчи до 20 години, иако го освои „само“ деветтото место на Европското првенство за младинци, покажа дека и тоа како има квалитет и менталитет достојни за големи достигнувања и македонскиот ракомет не треба да се грижи за својата иднина.
Со поинаков систем за натпреварување, екипата на селекторот Раде Стојановиќ и неговиот помошник Бранислав Ангеловски, ќе беше уште подобро пласиран.
Момците одиграа осум мечеви, а загубија само еден, и пак се само деветти на првенството на кое играа 16 тима. Три меча се играа во првата групна фаза во која се решаваше кои селекции одат во четвртфинале, Македонија не загуби меч (една победа и две ремија), но не обезбеди влез во топ 8, а потоа тимот одигра уште дури пет меча во разигрувањето за пласман и беше најдобар меѓу оние кои се бореа за 9-16 место, а таму имаше и силни тимови како Франција која беше поразена денеска.
Оваа генерација ги има потребните квалитет, патриотизам и победнички менталитет, и тоа треба да радува. На секој меч влегуваа со голема желба за победа, за нив нема неважни мечеви, мотивот им е да го оправдаат црвено-жолтиот дрес.
Повеќето од нив чукаат на вратата на А тимот, ќе дојде редот многу од нив да влезат и во сениорската селекција, и да играат важна улога, за потврда на добрата работа и континуитетот кој ги има македонскиот ракомет со настапи на големи натпреварувања и рамноправна борба со најдобрите.