Некогашниот германски репрезентативец и освојувач на Светското првенство од 2014 година, Месут Озил, ја заврши кариерата. Ова го пренесуваат турските медиуми и тоа е изненадувачка вест ако се знае дека Озил синоќа беше на теренот.
Озил беше во стартниот тим на Башакшехир, одигра 45 минути, а на полувремето беше заменет. Токму тој потег како да беше последен за да се реши да стави крај на кариерата.
ÖZEL | Mesut Özil’in sözleşmesi fesh ediliyor! Futbolu bırakma kararı aldı.
— Yakup Çınar (@yakupcinar) February 3, 2023
Озил има 35 години, а кариерата ја започна во Шалке 04, за потоа да направи трансфер во Вердер. Во 2010 година потпиша со Реал Мадрид каде остана до 2013 година. Следниот негов клуб беше Арсенал, каде најдолго се задржа. Меѓу Топчиите остана до 2021 година, а потоа за прв пат реши да заигра во турското првенство, земјата од каде се неговите родители. Во Фенербахче одигра една сезона, а потоа се пресели во Башакшехир, каде сезонава одигра само седум средби и најверојатно синоќа за последен пат беше на теренот.
Озил освојуваше пехари со Вердер (Купот на Германија во 2009), со Реал Мадрид (првенството во 2012, Купот во 2011 и Суперкупот во 2012), Арсенал (ФА Купот 2014, 2015 и 2016, како и Комјунити шилд во 2015). Со Германија стана Светски првак во 2014 година, а одигра 92 меча за Панцерите.