Озил може да си оди, на Емери му требаат средства за нови играчи

Месут Озил одново отсуствуваше од натпревар во Премиер лигата кој Арсенал го загуби. Во саботата „топчиите“ го загубија малото градско дерби против Вест хем (1-0), а Унаи Емери не го вклучи Германецот ниту во резервите.

Два дена по овој меч, англиските медиуми веќе го отселија Озил од северен Лондон. Наводно, Арсенал веќе нема да му прогледува низ прсти на најплатениот фудбалер во екипата, па ќе сторат сè што можат за да го продадат и да ослободат средства за доведување нови играчи какви што му одговараат на шпанскиот стратег. Емери дури му го тргна статусот „ѕвезда“ на Озил во тимот велејќи дека е на исто рамниште со останатите фудбалери. Од вкупно 22 натпревари, повремениот капитен на Арсенал одигра на 13, постигна три гола и забележа само една асистенција.

Засега нема конкретни понуди за него, неделната плата од 350.000 фунти е најголемиот проблем што Арсенал не може да го продаде Озил, барем не во европски клуб. Се надеваат дека ќе стигне понуда од Кина, но прашање е дали Озил ќе сака да игра на азискиот континент на 30 години.

- Оглас -

Најнови вести