Поранешниот германски репрезентативец Месут Озил, некогаш еден од најдобрите играчи од средниот ред во Европа, кој играше за Реал Мадрид за Арсенал, предизвика гнев кај Израелците со неговата најнова објава на Инстаграм.
Озил, познат по своите контроверзни политички изјави и блиски врски со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, за време на својата кариера се соочуваше со сериозни критики во Германија. Сепак, тој никогаш не посветуваше внимание на тоа, главно стоеше цврсто зад секој свој потег, а сега објави стори на Инстаграм со прекриена карта на Израел со зборот „Палестина”.
На тој начин поранешниот германски репрезентативец со турско потекло јасно ја поддржа Палестина и ја осуди агресијата на Израел.
Неговата објава брзо стана предмет на бројни расправи во Израел и Германија, а се огласија од еврејската спортска организација „Макаби Германија“.
„Се надеваме дека и Германската фудбалска федерација (ДФБ) ќе ја разгледа оваа работа и јавно ќе се дистанцира од Озил“, изјави претседателот на организацијата, Алон Мајер, кој ја опиша објавата на Озил како „анти-израелска“.
Поранешниот фудбалер е само еден во низата истакнати спортисти кои изразија поддршка за Палестинците и повеќепати инсистираше на прекин на војната, која за жал трае речиси една година.
„Молитва за човештвото. Молитва за мир“, напиша Озил минатата година кога дојде до конфликт меѓу Израел и Палестина.
Еден политичар од ЦДУ побара од Месут Озил да ја врати наградата „Сребрен ловоров лист“ од 2010 година.