Па ова стана циркус – Немаат корона и Шкотска не ги прима, трите лава на Лион не можат да играат против Ренџерс

Шкотската Влада го одби барањето за тројца играчи на Лион за влез во земјата и тие нема да играат за францускиот тим во Европа Лигата против Глазгов Ренџерс во четврток.

Бразилските репрезентативци Лукас Пакета и Бруно Гимареш и Тино Кадевере, кој настапува за Зимбабве не добија визи за влез во Шкотска, поради тоа што нивните земји се на „црната листа“ со голем број на заразени од Ковид-19.

Тројцата фудбалери имаат негативни тестови и ќе играат за Лион викендов во француската Лига 1 против Стразбур, но во Шкотска не смеат да играат фудбал.

Ваквата ситуација веќе подолго време предизвикува хаотична ситуација во фудбалот, но и во останатите спортови, а дури се случи и прекин на меч во квалификациите и тоа на вечното дерби меѓу Бразил и Аргентина, по раакција на здравствени власти.

Претставниците на Агенцијата за јавно здравје на Бразил, Анвиса направија невиден циркус во Сао Пауло и влетаа на терен на почетокот на мечот и го прекинаа. Сакаа да ги депортираат четворицата репрезентативци на Аргентина, Ло Селсо, Ромеро, Мартинес и Буендија, кои наводно не го почитувале ковид протоколот, а играат во Англија, земја која е на „црната листа“ за корона-вирус во Бразил.

Мечот беше прекинат и не се доигра, што е скандалозно, ако се знае дека покерот Аргентинци имаа негативни тестови и веќе беа во Бразил три дена пред почетокот на мечот.

Сега Шкотите не им дозволуваат на тројцата Лавови од Лион да играат против Глазгов Ренџерс, а колку аршините се двојни и се применуваат од ракав покажува и примерот со Манчестер јунајтед.

Црвените ѓаволи ќе играат на 14. септември против Јанг Бојс, со Кристијано Роналдо во составот, па Швајцарците иако одбиваа да им дозволат на гостинските навивачи да присуствуваат на мечот во Берн, сепак ги сменија ковид протоколите.

Објавено е од швајцарските медиуми дека тоа е сторено само заради гостувањето на Роналдо во Берн, па 1.800 навивачи на Манчестер јунајтед добија дозвола да допатуваат и да го следат мечот од трибините на „Ванкдорф“ стадионот.

 

 

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести