Шпанскиот тренер Пабло Ласо по едногодишна пауза се враќа на тренерската работа и од следната сезона ќе седи на клупата на Баерн Минхен.
Ласо, кој минатата сезона одмораше од кошарката поради проблеми со срцето, денеска и официјално потпиша двегодишен договор со германскиот тим кој ќе игра во Евролигата.
Шпанецот доаѓа на местото на Андреа Тринкиери, кој по елиминацијата на Баварците во полуфиналето од плејофот во германскиот шампионат, си замина од клупата.
Пабло Ласо се наметна како еден од најдобрите европски тренери со водењето на Реал Мадрид од 2011 до 2022 година и со кого освои две титули во Евролигата. Првата титула ја освои во 2015 година, а втората во 2018. Покрај Реал Мадрид, Ласо беше тренер и на Памеса, Каха Кантабрија, Кастељо и Гипузкоа.