Марио Балотели, еден од најголемите таленти кои не го остварија својот целосен потенцијал, се враќа во Серија А по цели пет години. Последен пат тој играше за Бреша, а потоа имаше и една сезона во Монца, но во Серија Б.
Сега, по долги преговори, како слободен играч ќе стане дел од екипата на Џенова.
Џенова, која моментално има сериозни проблеми поради повредени играчи, беше принудена да реагира на трансфер пазарот за да започне да собира бодови во битката за опстанок. Балотели е без клуб од јули, кога ја напушти Турција, и долго преговараше со тимот што го води Алберто Џилардино.
Според италијанските медиуми, официјализирањето на трансферот на Балотели се очекува во наредните 24 часа.
Балотели има одиграно 141 натпревар во Серија А и постигнато 52 гола, играјќи за Интер, Милан и за Бреша.