23.8 C
Skopje
среда, 9 јули 2025

Падна одлука и за Серија А: Првенството ќе се доигра!

Првенството во италијанската Серија А треба да се доигра до крај, иако седум клубови биле против продолжување бидејќи се плашат од контраефект што може да го доведе корона-вирусот. Италија е првата земја во Европа која беше погодена од смртоносниот вирус, а областа Ломбардија, посебно градот Бергамо ги споредуваат со тоа што пред неколку месеци се случуваше во кинескиот град Вухан, од каде што започна целото жариште на корона-вирусот.

И порај тоа што во Италија од опасниот вирус досега има регистрирано заразени над 181.000, а починаа над 24.000 луѓе, одлуката е првенството да се доигра.

„Советот на Серија А на состанок донесе одлука дека треба да се комплетира сезоната 2019/20. Секако, за тоа да се случи, треба да стигне дозвола од Владата на Италија“, стои во соопштението на италијанските клубови од елитната лига.

Одлуката за да се доигра првенството сепак не е едногласна. Дури седум клубови биле против идејата да се доигра шампионатот. Бреша, Торино, Сампдорија, Удинезе, СПАЛ, Џенова и Калјари се противеле на идејата да има уште фудбал сезонава. Шест од овие седум клуба доаѓаат од северниот дел на Италија, кој е најзагрозен. Според челниците на овие клубови има можност корона-вирусот да направи дополнителни штети ако се игра фудбал, па макар тоа да биде и без присуство на публика на трибините.

Фудбалот во Италија е стопиран од 9 март, а фудбалски активности сигурно нема да има до 3 мај. На 3 мај ќе заврши одлуката на Владата на Италија за посебните мерки поради корона-вирусот. По тој датум, Владата треба да одлучи дали ќе биде дозволено да се започне со фудбалски тренинзи, а со тоа и да се даде „зелено светло“ да се доигра првенството во кое Јувентус е лидер, пред Лацио и Интер.

- Оглас -

Најнови вести